04.07.2017 Топлото време ги раздвижи змиите. Не само што ги има во ливадите и шумите, нивното присуство е забележано и во градовите.
Жителите на населбата „Сиви дом“ во Кочани фатиле змија долга околу 2 метра, а познавачите велат дека најверојатно не е отровница, но децата биле преплашени бидејќи таа „се прошетала“ непосредно пред игралиштето во близина на контејнерот кој што две недели не е исчистен.
Велат дека неискосената трева дополнително прави местото да биде збиралиште за змии, особено што во овој дел од населбата кај паркот и игралиштето поголем дел се деца.
Жителите револтирани од неодговорноста на комуналното претпријатие. За среќа оваа змија ја фатиле и не каснала никого но стравот кај децата и родителите се повеќе расте.
- Тоа што не е искосена тревата и што со недели не се собира ѓубрето допринесува да има и змии. Еве гледате, тука секој ден има повеќе од 60 деца на игралиштето, не дај Боже некој да биде каснат, после што ќе се прави, реагиравме и до КЈП „Водовод“ да ја окосат тревата, добивме одговор дека тоа не било нивна работа, па ние жителите косивме колку можевме. Страшно и жално е ова, рече Славе Исајов, жител на населбата „Сиви дом“ во Кочани.
Освен змиите, велат жителите, овој период има наезда и од крлежи и други инсекти. Препораките на високите темпрератури освен за носење на светла и долга облека при престој во природа, се и редовно косење и исфрлање на тревата за да не се случи вакво нешто.
Добрите познавачи на состојбите велат иако дека не станува збор за наезда на змии, но потребна е внимателност. За жал во нашата држава не постои посебна служба која би реагирала на јавувања од граѓани. Токму затоа превентивата е таа која што може најмногу да помогне. Во овој период од годината потребна е голема внимателност при престој во природа.
Ако се наиде на змија, не треба да се вознемирува затоа што таа напаѓа тогаш кога се чувствува загрозена. Доколку некој биде каснат од змија основно правило е да не паничи. Лицето треба да мирува и што е можно побрзо да се овозможи транспорт до здравствена установа.
Т. Велкова
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.