07.07.2017 За неполни 4 години компанијата “Амфенол технолоџи Македонија“ во Кочани стана еден од носечките стопански субјекти, со најголем број вработени и постојан напредок и во поглед на финансиските резултати, и во проширувањето на своите капацитети и производната програма.
Брзиот развој за релативно краток период и овозможи да се вброи меѓу најуспешните компании со странски предзнак во Македонија.
По истекот на првите шест месеци од тековната година, раководниот тим на компанијата направи анализа на сработеното и постигнатото и дојде до заклучок дека успешната приказна продолжува во позитивен правец. Таква потврда дојде и од првиот човек во “Амфенол“, Сашко Наков, кој не го крие задоволството дека успехот е заеднички на сите 1200 вработени.
- Имам задоволство да констатирам дека успешно ги реализиравме сите планови до сега во поглед на производство, во поглед на извозот и во поглед на бројот на вработени. Една од добрите работи е признанието што го добивме како 25-та најуспешна компанија во Македонија. Тоа е за 2016-та, меѓутоа, сега во првата половина на годината го добивме како признание, очекувам дека 2017-та ќе биде подобра од таа, и ќе бидеме уште повисоко. Чисто за споредба, во 2015-та сме биле 93, во 2014-та воопшто не сме биле меѓу првите200, така што за еден период од три години мислам дека тоа е одличен успех. Јас би сакал да им се заблагодарам на ситевработени затоа што тоа сигурно е резултат на сите нив, на сите вработени во “Амфенол технолоџи Македонија“ и се надевам дека 2017-та ќе биде уште поуспешна, рече Сашко Наков, директор на “Амфенол технолоџи Македонија“.
Според Наков, постигнатите резултати во првите 6 месеци од оваа година покажуваат дека планот успешно се реализира, иако бил многу поамбициозен и поголем во однос на минатогодишниот.
Се очекува до крајот на годината бројот на вработени да се зголеми со проширување на производната програма. За таа цел во тек е изградбата и опремувањето на уште еден погон во кој ќе се вгради пософистицирана технологија за производство на опрема за системите за издувни гасови во автомобилската индустрија.
Во план е новиот погон да биде пуштен во работа во текот на октомври, а дел од вработените веќе заминаа на обука во Република Словачка, каде “Амфенол“ има слична фабрика.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.