11.07.2017 Петровденски турнир во мал фудбал во Кочани сепак се одржува.
Откако минатата недела од Локалната самоуправа информираа дека традиционалната манифестација се откажува затоа што за учество не се пријавила ниту една екипа, како организтор на натпреварите се јавува општинската органзиација на СДСМ од Кочани.
Празничниот турнир започна со одигрувањето на првите четири натпревари на спортскиот терен во населбата Сиви дом, а организаторите потврдија дека имало одличен интерес за учество.
- Откако Локалната самоуправа на Кочани на чело со градоначалникот Ратко Димитровски не успеа да се договорат за да го одржат традиционалниот Петровденски турнир, што се одржува во последните 11 години, комисијата за спорт при СДСМ – Кочани достави барање до Извршниот одбор на партијата, за да го организираме ние. Добивме дозвола и на турнирот се пријавија 8 екипи и кога го направивме распоредот се јавија и други екипи, но терминот е краток и затоа беа одбиени, рече Кире Тодоровски, претседател на комисија за спорт на СДСМ – Кочани.
На турнирот учествуваат екипите на “Фудбал Старс“, “Сиви Дом“, “Белско Маало“, “Јоже 2“, “Наполитанци“ и “Водовод“ од Кочани, како и “Олимпик“ од Оризари.
- Во среда на празникот ќе се игра финалето во 19,30 часот, 2 пати по 30 минути. Обезбедена е скромна награда, ќе има пехар за победникот, ќе има коктел за сите екипи што се учесници, само да го обележиме празникот. Во наредните години мислам дека ќе биде традиционално, додаде Тодоровски.
Во првите средби од четвртфиналето „Драчевик“ ја совлада екипата на „КЈП Водовод“ со 4:1, „Сиви Дом“ е поразен од „Белско Маало“ со 1:2 по изведување пенали откако во регуларниот период заврши со 2:2. Екипата на „Фудбал Старс“ пак, беше подобра од „Јоже 2“ и победи со 8:2, а „Олимпик“ загуби од „Наполитанци“ со 0:3. Во полуфиналето се среќаваат „Фудбал Старс“ – „Наполитанци“ и „Белско Маало“ – „Драчевик“.
T. Aјтовски