25.07.2017 Одличните успеси што ги постигна 9-годишната Јована Давиткова на Државните првенства во шах, каде редовно го освојува првото место, ќе бидат на испит и викендов.
Најмладата членка на ШК “Кочани“ од петок до недела ќе учествува на голем меѓународен шаховски турнир во Грција.
Во просториите на клубот таа секојдневно се подготвува за престтојните натпревари, а заедно со менторот Тодор Милосиев ги уигруваат варијантите што треба да и донесат успех. Скромната Давиткова која од наесен ќе тргне во четврто одделение вели дека се чувствува подготвена за турнирот.
- Ќе учествувам на меѓународниот турнир во Грција во “Ц“ категорија и се надевам дека ќе постигнам успех, рече Јована Давиткова, член на Шаховскиот клуб “Кочани“.
На турнирот што ќе се одржи во грчкиот град Кавала шахистите ќе се натпреваруваат во три возрасни категории, од сениорска до младинска, а освен Давиткова во нејзината категорија од Македонија ќе патува уште еден претставник од Неготино.
На Државните првенства и на турнирите во Македонија на кои досега учествуваше таа, редовно се враќа со признанија и награди.
- Во “Наум Наумовски Борче“ имам учествувано и таму бев прва меѓу девојчињата. Во Струга на Државното првенство минатата година имам освоено прво место, а оваа година имам освоено второ место. На првенството на училиштеото “Јахја Кемал“ осовоив исто така прво место. Сакам да играм шах додека да го завршам факултетот, додава Давиткова.
Желба на младата кочанска шахистка е да стане стоматолог и вели дека ќе се потруди тој сон да и се исполни. Секако, од шахот нема да се откаже и тој ќе и остане втора животна определба.
Вели дека е свесна оти има уште многу тајни што треба да се откријат во играта на црно-белите полиња, но покрај добрите противници и ментори се надева дека брзо ќе ги дознае. Поради тоа на турнирот во Грција очекуваме добри партии и враќање со медал и признание.
Т. Ајтовски