09.08.2017 Петнаесетина волонтери од неколку европски земји се носители на еколошката акција за расчистување на околината на браната Гратче.
Организирани преку кочанското здружение на студенти “Павел Шатев“, ја прифатиле иницијативата на нивни колеги и ја реализираа на дело.
Волонтерите кои преку студентската размена од програмата Еразмус плус и од Европскиот волонтерски сервис веќе неколку месеци престојуваат во Кочани, слободното време во викендите го користеле за пешачење до Гратче, каде забележале дека локациите кај водопадот и на поранешната плажа спроти стариот мотел се полни со отпадоци и неуредни.
- Пробаме да исчистиме колку што можеме повеќе од брегот на езерото. За жал, граѓаните кои го загадуваат местото, тоа е нивна лична писхологија, и можеби и тие не сакаат да загадуваат, ама отпадот го фрлаат се подлабоко во грмушките. И тоа е голем проблем и за нас кои би сакале да го исчистиме тој отпад, не можеме да допреме и да исчистиме се. Мој и наш апел како волонтери во интернационална група волонтери во Кочани е дури и да загадувате пробајте тоа да биде колку што може поодговорно, бидејќи некој ќе помине зад вас и ќе има време тој ваш отпад да го собере, рече Благој Ристов, претседател на здружението “Павел Шатев“ - Кочани.
Странските волонтери кои во моментот главно се од Турција и Франција и веќе неколку недели живеат во Кочани, упатија апел до граѓаните да ја чуваат природната околина од која тие се воодушевени.
- Јас сум Ибрахим и дојдов од Турција како волонтер во Кочани. Заедно со другите волонтери многу сме задоволни од Кочани кој е мал и многу убав град. Луѓето се многу љубезни и сакаат да ни помогнат. Сакаме да направиме нешто за да оставиме наш белег овде, размислуваме да организираме игри, флеш-моб и друг вид забава. Сега сме на браната каде собираме отпадоци, сакаме да им помогнеме на македонските, односно граѓаните на Кочани, тоа е нашата цел.
- Јас сум Фатих и овде сум како волонтер. Собираме отпадоци околу езерото и ги замолуваме граѓаните да го намалат исфрлањето на пластични ќеси, поради што сошивме текстилни торбички, за да не ги користат пластичните од продавниците.
За само половина час од почлетокот на акцијата волонтерите собраа десетина вреќи полни со отпад, а до крајот на денот очекуваат тој број да стигне до 50-тина. Веќе е договорена соработка со КЈП “Водовод“ чие возило треба да го подигне отпадот и да го однесе на градската депонија.
Т. Ајтовски