11.08.2017 Бројот на вработените на неопределено време во КЈП “Водовод“ е зголемен за 20-тина лица, откако во текот на денот им се врачени решенијата за работа на ангажираните работници.
Се работи за трансформација на работниот однос што тие веќе го имале неколку години во Претпријатието, но досега биле ангажирани на определен временски период преку Агенција за времени вработувања.
Главно станува збор за работници кои извршувале работни задачи за кои не е потребна повисока квалификација или степен на образование.
На почетокот од годината беше објавен јавен повик со кој се планираше да се потрошат околу 900 илјади денари за давателот на услугата преку кој треба да се реализираат времените вработувања. На една од седниците на Советот на Општината во тој период, на која се разгледуваше и извештајот за работењето на претпријатието, беше поставено и прашање за условите за работа и правата на лицата кои се ангажираат.
Имаше критика од советниците дека според досегашната практика тие најчесто работат на наплатата на таксата на јавните паркинзи, односно на отворен простор, на неповолни временски услови и не се соодветно наградени за тоа. Оправдување за состојбата тогаш дадоа од од раководството на “Водовод“.
- Од октомври, септември некаде, кога ја донесовме новата систематизација и согласно новите законски решенија, не можеме да правиме редовни вработувања за да го трансформираме на дел од вработените работниот однос на неопределено време, а во исто време се зголемуваа и активностите, пред се во делот на давањето на услугите за наплатата на паркинг службата и по тој основ имаме околу десетина вработени кои ја извршуваат ваквата активност. Сите вработени, осигурени преку Агенцијата за времени вработувања ги имаат истите плати како лицата кои ги извршуваат работните обврски за истите места на кои се ангажирани и вработените преку Агенцијата. Во исто време им оди работен стаж и социјално и здравствено осигурување и пензиско осигурување, рече во февруари 2017 година Љупчо Папазов, директор на КЈП “Водовод“ - Кочани.
Во врска со дооделените 21 решение за трансформација на работниот однос на неопределено време, симптоматично е што тоа се случува токму во предизборниот период. Законските одредби велат дека не смее да има таково ангажман на 100 дена пред одржувањето на изборите, во овој случај локалните што се закажани за 15 октомври.
Од Комуналното претпријатие “Водовод“ рекоа дека се е во рамки на законот, односно огласот за вработување бил објавен пред распишувањето на изборите, а согласност била добиена и од Министерството за финансиии.
Совпаѓањето на периодот на врачување на решенијата и предизборието била само случајност.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.