18.09.2017 Имињата на вкупно 11 кандидати ќе се најдат на гласачките ливчиња за избор на градоначалник на Кочани, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци. Сите тие се предложени од политички партии, освен еден за кого кандидатурата е поднесена од група избирачи.
Од општинските изборни комисии потврдија дека имињата на кандидатите се веќе верифицирани од ДИК, со што и официјално тие ќе влезат во предизборната трка.
Најголем број кандидати за прв човек на Општината има во Зрновци, дури четворица. Освен претходно најавените кандидатури од коалициите предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и од група независни избирачи, пред истекот на законскиот рок за оваа општина свој кандидат предложила и СДПМ на Бранко Јаневски.
Со тоа гласачите во најмалата општина во регионот ќе имаат најголем избор за кого да го дадат својот глас.
Во Кочани пак, во игра остануваат тројцата кандидати за кои веќе дојде верификацијата од ДИК – ги предложија СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и СДПМ. Најмал избор за гласачите, со само по двајца кандидати, ќе има во Виница и Чешиново-Облешево, каде свои предлози имаат двете најголеми партии.
За разлика од последниот изборен циклус за локални функционери кога имаше вкупно 16 кандидати, евидентно е дека за овие локални избори бројот на предложени имиња за градоначалници е нешто помал. Дури и дел од партиите што тогаш поднесоа кандидатури, сега немаат ни предлог листи за членови на општинските Совети. Дали причината е недостигот од финансиски средства или сознанието дека не можат сериозно да се вмешаат во изборната трка, за сега е непознато, но неизвесноста од крајниот резултата останува иста.
Што се однесува до предлог листите за членови на Советите, нивниот број е 12, во секоја општина по три. Во Кочани во предизборната трка влегуваат предлозите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и од група избирачи, а идентична е состојбата и во Зрновци. Во Виница освен од двете споменати партии свој предлог има и НДМ на Јанко Бачев, а таквата предлог кандидатура исто така се повторува во Чешиново-Облешево.
Според роковникот на ДИК на ред е постапката за ждребување на редоследот според кој имињата на кандидатие за градоначалници и на носителите на советничките листи ќе се најдат на гласачкото ливче.