27.09.2017 Под мотото „Чиста и зелена среда“, денеска сакаме да потенцираме колку е важна комуналната хигиена и чистата животна средина.
Кочани важеше за најчист град во Македонија и затоа мораме заеднички да се потрудиме повторно да го вратиме тој епитет, рече на прес -конференција Ѓорѓи Алексов од кандидатската листа за советници на Кочани предложена од СДСМ.
-
Ќе обезбедиме чиста и здрава вода за пиење и чист воздух, бидејќи тие се клучни за нашето здравје, а знаеме дека ништо не е побитно од здравјето на граѓаните. Создадовме план и проекти за зголемен капацитет и за професионална услуга на јавното комунално претпријатие, преку намалени трошоци за граѓаните. Се обврзуваме постојано и навремено да ги чистиме депониите и каналите, ќе вложиме во колекторски системи, пречистителни станици, регионални фабрики за третман на цврст комунален отпад и во енергетски ефикасни објекти. Еден од најважните проекти ќе биде реконструкција на водоводната мрежа, бидејќи како што знаеме сите, водоводната инсталација е постара од 60-тина години, при што се јавува неопходна потреба од потполна замена на старата секундарна водоводна мрежа, замена на азбестните цевки за пренос на вода до домаќинствата, намалување на загубите во водоснабдителниот систем и подобрување на притисокот на водата, рече Ѓорѓи Алексов, кандидат за член на Советот на Општина Кочани од СДСМ.
Алексов рече дека ова ќе се обезбеди вода преку летните месеци и во оние делови од градот каде досега граѓаните се соочуваа со рестрикции, а најави и новина во решавањето на комуналните проблеми на граѓаните.
- Во рок од една година планираме да воведеме “Систем три“, систем кој ќе служи за брзо откривање и детектирање на комуналните проблеми на граѓаните, со цел за нивно брзо решавање, тоа значи веднаш, но најдоцна во рок од 3 дена од пријавувањето на проблемот истиот ќе биде решен и за таа цел ќе биде воведена бесплатна телефонска линија. Гасификацијата како еден од клучните проекти ќе биде најбитен за да ние граѓаните на општина Кочани дишеме чист воздух. Имаме многу идеи и планови кои не засегаат сите нас, граѓаните на општина Кочани, се надевам дека ги препознавате вистинските проекти кои се за доброто на сите граѓани, додаде Алексов.
На крајот од обраќањето на прес-конференцијата беше речено дека новата локална власт ќе гради по план, за Кочани да биде општина за пример и да се врати епитетот најчист град.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.