- Поддршката на луѓето е најважна, затоа што нема ништо поважно од животот и од здравјето. Барањата на ранливите категории граѓани не се за во фиока. Тие не може да чекаат! Односот кон сите мора да биде почовечен. Ќе се заложиме да намениме повеќе пари и да им помогнеме на сите ранливи групи. Локалниот систем треба прв да помогне. За да ги спречиме и да ги надминеме основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, рече Наталија Ѓоргиева од листата за советници од коалицијата на СДСМ.
Ѓорѓиева рече дека заложба на новата локална власт ќе биде намалувањето на сиромаштијата и социјалната исклученост и да му се помогне на граѓанинот за негова сопствена заштита.
- Почитувани сограѓани, испораката на услугите мора да биде функционална. Да проработи, конечно, Дневниот центар за деца со попреченост, да се реши проблемот со домувањето на лицата од Старата касарна. И да престане еднаш засекогаш злоупотребата на овој вид услуги, затоа што никој не смее да си поигрува со човечката мака. Да изградиме доверба кај граѓаните – дека Општината може да помогне. Да пружиме рака во вистинско време и тогаш кога е најпотребна! За подобар живот во Кочани. Подеднакво за сите, додаде Ѓорѓиева.
Според Ѓоргиева проектите за решавање на проблемите на социјално ранливите категории граѓани е дел и од предизборната програма на кандидатот за градоначалник што го поддржува коалицијата предводена од СДСМ, поради што заеднички, со мнозинството во Советот овие проекти полесно ќе се реализираат.
Т. Ајтовски