- На 15 октомври Кочани ја искористи историската шанса и гласаше фер и слободно. На овие избори покажавме дека можеме да бидеме пример за демократско однесување. Задоволен сум што до гласачите стигна мојата порака – дека сè е минливо и менливо – и дека човечноста и мирот треба да бидат постојани.
Почитувани сограѓани, резултатот што го постигнавме е убедлива победа во корист на сите граѓани што сакаат заеднички да градиме подобар живот. Ви благодарам на сите коишто во мене препознавте човек со одговорност којшто може да ја води Општината во наредниот период, рече Николчо Илијев, новиот градоначалник на Кочани.
Според Илијев, претстои работа за намалување на политичките спротивставености во општеството.
- Сега имаме шанса со компромис и толеранција да градиме хармонија во нашата заедница. Без омраза, гнев и страв – да ја намалиме политичката поларизација. Сега е вистинскиот момент да воспоставиме нови стандарди во работењето и во живеењето во нашата општина: професионалност, одговорност, отвореност, отчетност. Само така ќе изградиме подобар живот за сите во Кочани, додаде Илијев.
Поддршка за заложбите на Илијев даваат и советниците од коалицијата на СДСМ, кои присуствуваа на прес-конференцијата.
Т. Ајтовски