31.10.2017 Со одржувањето на првата, конститутивна седница, и официјално, в четврток на 2 ноември ќе започне со работа Советот на Општина Кочани.
Откако комисиски ќе биде им бидат верифицирани мандатите на сите 19 советници кои влегоа во новиот состав, тие заеднички треба да дадат заклетва дека ќе работат во интерес на општината и на нејзините граѓани.
Веднаш потоа е закажано и одржувањето на втората седница, чиј почеток се очекува да го води најстариот член на Советот, Ангел Максиомов, кој ќе има задача како прва точка во работниот дел да предложи избор на претседател.
По изборот на претседател ќе се премине на избор на членови кои ќе ги формираат 11-те комисии што ќе работат во состав на Советот. Како последна точка од првата работна седница, е планирано да се усвои предлог решението за советници кои како претставници на Општината ќе учествуваат при склучувањето бракови.
Исто така, советничките групи ќе треба да ги истакнат и своите координатори, кои заедно со советникот од независната листа ќе учествуваат во координативните договарања за дневниот ред на секоја од седниците во наредните 4 години.
Досегашното искуство од одржување на првите две, односно на верификационата и на конститутивната седница покажува дека сите точки поминувале едногласно, со поддршка од сите советници, без разлика од која политичка опција доаѓаат. Поради тоа, и овојпат не се очекува да има поинаков тек, односно по завршувањето на сите процедури по локалните изборите, Општина Кочани да ја комплетира новата локална власт.
Т. Ајтовски