- Ние сме избрани од граѓаните на последните локални избори, гласачите кои во нас препознаа луѓе кои имаат знаења, вештини и можност да придонесат за подобар живот во нашата локална заедница.
Советот, секако дека ќе биде место на вкрстување на нашите различни мислења, овде ќе разговараме и ќе се договараме за нашите различности и секако дека ќе донесуваме одлуки што ќе бидат во интерес на граѓаните. Не чека многу работа, нема да биде ниту лесно, ниту едноставно, меѓутоа сметам на вашата конструктивна поддршка во Советот, да придонесеме за решавање на поголем дел од проблемите и да придонесеме за подобар живот на сите граѓани во општина Кочани. Уште еднаш, го честитам конституирањето на Советот и посакувам успешна работа, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.Со тоа заврши првата, а веднаш потоа започна и втората седница на Советот на која прва точка беше избор на негов претседател. Како предлог на мнозинската советничка група за функцијата беше предложен Томе Солевски, кој беше и носител на кандидатската листа на коалицијата што ја предводи СДСМ.
Коорднаторот на советничкаѕта група предвоена од ВМРО-ДПМНЕ, Лазо Митев го честиташе изборот и верифицирањето на мандатите на сите советници и рече дека тие како група ќе дадат поддршка на предлогот за претседател.
- Ние нема да дадеме предлог за претседател на Совет, напротив, ќе го поддржиме колегата Томе Солевски од две причини. Првата е онаа што ја кажав и во мојата прва изјава пред медиумите, дека сакаме да покажеме пред јавноста дека ќе бидеме конструктивна опозиција, и втората е поради едно неодамнешно заедничко минато со колегата Томе Солевски, рече Лазо Митев, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Предлогот беше едногласно усвоен, по што Солевски седна на претседателското место во Советот. Заблагодарувајќи се на довербата, тој рече дека функцијата ја сфаќа како обврска и очекува конструктивна соработка со сите советници.
- Благодарност до сите, прво до советничката група на СДСМ. и на коалиционите партнери. Голема благодарност за поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и од коалиционите партнери, како и од Венко Крстевски, како независен кандидат. Многу убав момент е кога сите заедно ќе донесеме некоја одлука, јас многу пријатно се чувствувам дека почнува да дува некој нов ветер во општината, значи време е сите заедно да застанеме и да го направиме овој град поубав. Со наша помош, градоначалникот треба да ја добие, благодарност и за неговото присуство, за поддршката цело време, уште еднаш многу благодарам за целосната поддршка и очекувам успех во нашата работа, рече Томе Солевски, претседател на Советот на Општина Кочани.
Честитки за изборот на новиот претседател на Советот упати и советникот од независната листа, Венко Крстевски.
- Ја користам оваа прилика да му го честитам изборот за претседател на Советот на Општина Кочани на доктор Томе Солевски, да му посакам среќа успеси во работата. Самиот начин на избор, односно предлогот што беше усвоен едногласно покажа дека Советот во иднина ќе ги руши бариерите и ќе гради мостови на поврзување за конструктивна работа во интерес на граѓаните на општина Кочани. Исто така, сакам да им честитам и на останатите советници, да ги повикам на конструктивна работа и соработка, се со цел во интерес на граѓаните на Општина Кочани, рече Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.
Во вториот дел од седницата се премина на формирањето на 11-те комисии кои се во состав на Советот, а беше усвоено и предлог решението за советници кои како претставници на Општината ќе учествуваат при склучувањето бракови.
Т. Ајтовски