05.09.2013 Наместо хирург и гинеколог како што аплицираше раководниот тим , кочанската болница доби хирург и нефролог. Министерството за здравство гинеколог засега не прати, но затоа пак еминентни лекари хирург и нефролог ќе им бидат на располагање на кочанските граѓани.
Станува збор за д-р Љубен Арсенков , специјалист по хирургија од Универзитетската клиника по хируршки болести„ Св. Наум Охридски“ од Скопје и за Проф. Д-р Стефка Богдановска , специјалист , нефролог од Универзитетската клиника за нефрологија. Тие ќе ја посетуваат кочанската болница по еден ден во месецот и ќе им бидат на располагање на пациентите.
На хирургот Д-р Љубен Арсенков првиот термин му е веќе закажан за извршување операции. Тој во кочанската болница доаѓа на 10 септември.
Другиот специјалист нефролог Проф. Д-р Стефка Богдановска за прегледи во кочанската болница е закажана за 13 септември.
Закажувањето кај овие доктори е креирано со посебен третман за закажување преглед согласно електронскиот систем за закажување „Мој термин“.
Мерката на посета на специјалисти стартуваше од први септември како дел од проектот „Дисперзирана клиника“ со кој еминентни и веќе докажани доктори од здравствените установи од Скопје и Охрид даваат здравствени услуги на пациентите низ клиничките и општите болници во останатите градови низ државата. Во рамки на проектот се ангажирани професори, односно доктори специјалисти и субспецијалисти со 10 и над 10 годишен работен стаж , кои искажуваат интерес за работа во останатите градови. Целта е размена на искуства и истовремена едукација за воведување нови методи и интервенции, како и работа со новата медицинска опрема. Со тоа ќе се овозможи оптимална искористеност на медицинските апарати и подобар квалитет на здравствените услуги.
Ангажираните доктори ќе добиваат соодветен дневен надомест , нивната работа ќе се вреднува и согласно системот за плаќање по учинок.
Проектот чини околу 4 милиони денари годишно трошок за докторите односно дневница и 3,5 милиони за патни трошоци вкупно 7,5 милиони денари годишно.
Т. Велкова