09.11.2017 Осумдесетгодишната Јелица Здравкова од Виница е тешко болна, неподвижна и не може сама да ги извршува основните животни потреби. Повеќе од две години лежи в кревет, а за неа се грижи синот Венко, кој заради немоќната мајка се вратил од странство.
Во меѓувреме, поднел барање за надоместок за туѓа нега, но двапати е одбиен, иако здравствената состојба на жената, која е дијабетичар, се влошува.
- Жената е катастрофа, значи слепа 100%, мозочен удар претрпен, склерозна и се на еден куп.
Бев во Канада, канадски држајанин и комшии се грижеа за мајка ми. По неколку телефонски разговори ја напуштив Канада и дојдов да се грижам за мајка ми, тоа е некаде пред пет години. Две-три години се грижев за неа, кога кошмии, роднини, пријатели ми рекоа да поднесам барање за туѓа нега, бидејќи и така се грижам за неа, да даваат по некоја пара за помош. И така, поднесов, ама ништо, рече Венко Здравков.
Првото барање до Комисијата било одбиено, па по жалбата до Министерството за труд и социјална политика, Здравков морал дополнително да обезбедува докази од второстепена комисија дека неговата мајка е тешко болна и треба да добива надомест за туѓа нега.
- Па, се оди на комисија составена од три доктори во Штип, ја носев мајка ми таму и рекоа дека недостасува уште магнетна томографија, закажав во Велес, ја носев со кола натаму-наваму, го обезбедив и тој документ и пак ништо. Не знам, од Комисијата не ни кажаа причина, само напишаа дека можно е подобрување, мајка ми ќе се подобрела, не знам, додаде Здравков.
Конзилијарното мислење на лекарите е дека здравствената состојба на жената е тешка, а нејзиното семејство треба да добива надоместок за туѓа нега, што надлежната комисија не го прифатила.
Иако сумата што би ја добил од државата нема да ги покрие трошоците за грижата околу болната мајка, Здравков вели дека сака да укаже оти треба да се преиспита работата на Комисијата и да се почитуваат законските одредби и воспоставените принципи.