16.11.2017 В недела, кочанските планинари, членови на ПСД “Осогово“ го организираат традиционалниот планинарски марш низ Осоговските Планини.
Почетокот на патеката е од манастирот Еленец, кај селото Цера, а потоа ќе се пешачи до Царев Врв каде ќе има кратко задржување и враќање на почетната точка, за што е предвиден заеднички ручек и дружење.
Тргнувањето кон Цера е со сопствен превоз, а поаѓањето е во 6 часот наутро од паркот во Кочани. Веднаш по пристигнувањето на почетната кота од 1.120 метри се тргнува кон Царев Врв на 2.085 метри надморска височина.
Вкупната должина на патеката во еден правец е 11 км и вообичаено се поминува за околу 5 часа во двата правци. Таа главно се протега по планинското било над шумската граница при што поминува низ подрачје исклучително богато со печурки, шумски плодови и лековити растенија.
На самиот врв предвиден е краток одмор и запознавање со околината, од каде се отвора видик кон планините Рила и Пирин во Бугарија, врвот Руен и сите повисоки врвови во Република Македонија.
Заради подобра организација, потребно е заинтересираните за маршот да го пријават своето учество кај претседателот на ПСД “ОСогово“ , Тошо Антов.
Т. Ајтовски