22.11.2017 Не помагаат ниту апелите, ниту санкциите кон возачите кои не ги почитуваат сообраќајните прописи и возат со далеку поголема брзина од определената со закон.
Потврда за тоа е сообраќајната несреќа што се случи во вторникот попладнето во близина на Здружението на возачите во Кочани, при што три малолетни девојчиња се здобиле со потешки и полесни повреди.
Според официјалното известување од полицијата, во периодот околу 17 часот на улицата „Теодосија Паунов“ се случила сообраќајна незгода во која 24-годишниот М.С. од Оризари, управувајќи патничко возило „форд фокус“ со кочански регистерски таблички, излетал од коловозот и удрил во тројца пешаци кои се наоѓале на тротоарот.
Две од девојчињата, кои се на возраст од 16 години, се здобиле со телесни повреди и по укажаната лекарска помош во болницата во Кочани, се пуштени на домашно лекување. Посериозно настрадало третото девојче на 17-годишна возраст кое од ударот од возилото се здобило со скршеница на ногата, па веднаш е префрлено во Ургентниот центар во Скопје.
На местото на настанот и изутрината видливи беа трагите од несреќата, при што забележливо беше дека возилото удрило во оградниот ѕид, а потоа и во девојчињата кои во тој момент се наоѓале овде. На тротоарот има и остатоци од клупа што се наоѓала во близина, а која е целосно уништена.
Увидот што го напрви екипа од Полициската станица - Кочани треба да ги разјасни околностите во кои се сучила сообраќајната несреќа, но епилогот од неа треба да биде ново предупредување за сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат законските одредби.
Т. Ајтовски