27.11.2017 Проектот на УСАИД за заштита на правата на мигрантите и бегалците во Кочани организираше настан со сомболичен назив „Кафе со бегалците и мигрантите” што се одржа викендов.
На средбата беше прикажан видео материјал во кој неколку баратели на азил во Република Македонија ги споделуваат сопствените искуствa. Потоа беше оставен простор за дискусија меѓу присутните, при што тие ги изнесоа своите ставови, мислења или стравови за бегалците, мигрантите и бегалската криза.
Носител на проектот е Македонско здружение на млади правници во соработка со Здружението на граѓани за акција против насилство и трговија со луѓе “Отворена порта“.
- Целта на овој настан е да се покрене свесноста за бегалците, како и за сите ризици, трауми и стрес низ кој што поминуваат тие, поминувајќи од нивните матични држави, како и да се покрене свеста на луѓето за проблемите, конкретно за трговијата со луѓе и криумчарењата што се актуелни во контекст на бегалската криза, рече Александар Митановски од Здружението “Отворена порта“
Поради чувствителноста на темата за која се разговара, различни се и реакциите и мислењата во врска со мигрантите и воопшто со бегалската криза.
- Значи, имаме различни реакции, и позитивни и негативни. Претежно се позитивни реакции, луѓето се свесни и тоа на некој начин доста ме радува и сметам дека Македонија добро се справува со бегалската криза од хуманитарен аспект и максимално се трудат луѓето да помогнат колку што можат., додава Митановски.
Средбата “Кафе со бегалците“ се организира низ повеќе градови во Македонија, а целата активност е дел од Проектот на УСАИД за заштита на правата на мигрантите и бегалците.
На средбата во Кочани имаше и неколкумина бегалци од Сирија, кои извесен период престојуваат во нашата земја и освен што почнале да го учат јазикот, ги прифатиле и македонските песни.
Т. Ајтовски