28.11.2017 Локалната самоуправа на Кочани ги започна најавените договорни средби со стручни лица од областа на сообраќајот за да се изнајде долгорочно решение за хаосoт што во моментот владее на улиците во градот.
По неодамнешната средба на градоначалникот Илијев со министерот за внатрешни работи Спасовски беше ветена стручна помош од Министерството, па на денешниот работен состанок во Општината, покрај вработените во општинската администрација, дојдоа службени лица од Полициската станица– Кочани и од СВР- Штип.
Притоа беа предложени повеќе можни решенија за конкретни проблеми и точки во сообраќајната мрежа во централното градско подрачје, а донесен е заклучок сите тие да се соберат и разгледаат, по што треба да се изготви соодветно идејно решение.
Присутните на состанокот беа и на лице место за да видат како предложените решенија би функционирале на критичните точки каде се создава најголема гужва.
- Решението на проблемот за сега не е наједноставно и најлесно, меѓутоа не е безнадежно. Се работи и се размислува, па во следните неколку денови, најпрвин ќе го чекаме сублимирањето на сите идеи и предлог-решенија, а после тоа ќе се избере и куќа која ќе направи конечна анализа за решавање на проблемот. Веројатно трајно решение е решавањето на проблемот со паркинзите. Општ заклучок е дека најголем проблем не се улиците, туку паркирањето на улиците. Затоа, нашата определба е изнаоѓање трајно решение за проблемот со паркирањето на возилата во централното градско одрачје, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Едно од можните решенија е изградбата на катна гаража во центарот на градот, со што би се обезбедиле поголем број места за паркирање на возилата. Сепак, тоа е проект што не може да се реализира за краток временски период, па во меѓувреме мора да се бараат и други решенија
Градоначалниокот Илијев повтори дека не би требало да се носи избрзано решение со краткотраен ефект.
- Јас не би сакал да шпекулирам сега со некакво решение, бидејќи секое ад-хок решение прави некој друг дополнителен проблем. Сепак, би сакал да се направи подетална анализа која, макар и на пократок рок, ќе даде навистина очекувани резултати. Ако донесеме какво било решние што само ќе го пренасочи проблемот на друга точка, тоа нема да биде решение. Затоа ќе ни дозволите да почекаме, стручните луѓе да ги дадат своите мислења, а потоа ние да донесеме конечна одлука по направената студија, додаде Илијев.
Претходно Илијев нагласи дека работните состаноци, слични на денешниот со претставниците од сообраќајните служби во полицијата, претставува отворање на поширока дебата за да се најде вистинското решение за сообраќајниот хаос.
Се очекува студијата што ќе биде изработена да се најде на разгледување и во Советот на Општината.
Т. Ајтовски