29.11.2017 И годинава за 29 ноември беше празнично и славенички за членовите на здружението “Јоспи Броз Тито“ од Кочани.
Со истакнување на грбот и знамињата и интонирање на химната на поранешната СФРЈ, ја одбележаа 74-та годишнина од одржувањето на историското второ заседание на АВНОЈ и формирањето на титова Југославија. Рекоа дека споменот на времињата кога се живеело подобро од денес е доволен мотив за заедничка прослава на која дојдоа и повеќемина поддржувачи.
Според нив и постоењето на македонската независна држава денес е директно поврзано со формирањето на поранешната федерација.
- Како најголем празник во Југославија беше 29 ноември, Денот на Републиката., бидејќи на тој ден на второто заседание на АВНОЈ во Јајце се донесени најважните историски одлуки кои што се темелите на идната држава Југославија, во која што и ние како Македонија, иако немаше наши делегати ниту на првото ниту на воторот заседание на АВНОЈ тоа не му пречеше на Тито и Македонија да ја прогласи како рамноправна република, заедно со останатите републики во Југославија, рече Трајче Трендов, претседател на Здружението “Јосип Броз Тито“ - Кочани.
Трендов се пофали дека постоењето на Здружението и активностите што ги спроведува веќе се препознатливи и позитивно прифатени во јавноста, за што потврда е и зачленувањето на нови членови.
- Има и помали, помлади, затоа што сакаме ова да продолжи, затоа што тоа се убави и светли моменти од нашата историја. И оваа наша Македонија е производ на титова Југославија, затоа што тогаш за првпат е добиена и државноста, и народот и националноста е признаена. Ако не беше Тито и ако не беше Југославија од каде Македонија ќе ја имаше сега и таква, додаде Трендов.
Традиционално, со дефиле од возила накитени со македонски и југословенски знамиња, со фотографии и други обележја на поранешната држава, членовите на Здружението поминаа по улиците во Кочани. Прославата ја завршија со скромен коктел во седиштето на Здружението кај Градскиот пазар.
T. Aјтовски