11.12.2017 Подобрувањето на сообраќајната инфраструктура во најзагрозените делови од населените места во општина Кочани започна со решавање на неколку улици во населбата Оризари.
Со поддршка од Агенцијата за државни патишта, деновиве се тампонирани повеќе критични, неасфалтирани улици во населбата во должина од околу 1 километар.
Жителите кои имаат индивидуални куќи на улиците во населбата Селиште во Оризари не го кријат задоволството што по триесетина години нема да газат по кал.
- Од 1982 година постои оваа населба, 35 години немаме вакво нешто видено, првпат. Баравме, комуналии имаме платено, се е легализирано, до ден-денеска ова е првпат што човек дошол тука да ни помогне, рече жител на Оризари.
Градоначалникот Илијев пак, истакнува дека тоа била една од неговите заложби уште во предизборната кампања, со оглед што при посетата на овие локации било констатирано дека навистина има потреба од брза интервенција.
- Условите се доста тешки, времето е кратко, влегуваме во зимски период и затоа се одлучивме да изнајдеме некакви, не сосема соодветни решенија, за да им помогнеме на луѓето зимскиот период да го поминат во што е можно подобри услови, односно да немаат толкави проблеми со пристапните патишта до своите домови. Како во градот Кочани, така и во населените места во општината има многу вакви локации, па затоа ние се одлучивме оние најгорливи проблеми што ги видовме да се обидеме да ги отстраниме. Еден од таквите проблеми е улицата “Кирил и Методиј“ во Кочани, што беше навистина очајна и со крајни напори, со помош на Локалната самоуправа направивме едно решние, донесовме тампон, ја тампониравме, изолиравме, така што мислам дека овозможивме луѓето непрелчено да се движат во текот на зимскиот период, кога ќе има доста врнежи од дожд и снег, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Според најавите на општинските служби, ќе се тампонираат и улиците „Генерал Апостолски“ и „Кеј на Револуцијата“ во населбата Оризари, од десната страна на Масалница, каде што градежната механизација го расчистуваше и го подготви теренот за тампонирање.
Со работна рака на жителите на Оризари, а со градежни материјали од Општината, викендов беше бетонирана и патеката кон гробиштата во Оризари, во должина од 60 метри. Исто така, пристапна улица во должина од 80 метри е бетонирана и кај црквата „Св. Атанасиј“. Градоначалникот Илијев вели дека тампонирањето на улиците не е крајно решение за проблемите на жителите, туку привремено за да се обезбеди подобар пристап.
- Продолжуваме интензивно, се додека можеме да ги искористиме овие добри временски услови, ќе пробаме се што можеме, максимум да направиме и да ги решиме дел од проблемите со кои се соочуваат нашите сограѓани. Сега сме на овој дел од Оризари, во текот на денешниот ден или во понеделник ќе продолжиме и во другите делови на Оризари, така што очекувам до средината на неделата поголем дел од критичните места да бидат разрешени, додава Илијев.
Илијев најави дека вакви градежни активности се планираат во Аневско Маало и на неколку други локации во Оризари, како и на најкритичните зони во Кочани.
Т. Ајтовски