26.12.2017 Наскоро кружниот тек кај Полициската станица во Кочани ќе биде вратен во комплетна функција, односно возилата ќе можат да се движат двонасочно по улицата “Кеј на Револуцијата“.
Иако за ова се уште нема официјална потврда од Локалната самоуправа, сепак веќе била донесена одлука на овој начин да се растовари сегашниот сообраќаен метеж во централното градско подрачје.
Таквото решение за сега е привремено, за да може да се обезбеди побрз проток на возилата и да се намали чекањето на крстосниците. Локлната власт останува на определбата да се изработи елаборат со кој ќе се бара подолгорочно уредување на режимот на сообраќајот, како и користењето на јавните паркинг места.
За да се избегнат застоите во движењето на возилата по улицата “Кеј на Револуцијата“, по отворањето на кружниот тек се планира да се забрани паркирањето од двете страни на коловозот, освен на веќе обележаните паркиралишта кај Центарот за култура и кај Централниот регистер.
Според донесената одлука, ваквата измена треба да се направи во најкраток можен рок, најверојатно околу Нова Година, но сепак неопходно е претходно да се постави соодветна сообраќајна сигнализација за да нема забуни кај возачите.
Измената на режимот на сообраќајот на централние улици во Кочани беше воведена во почетокот на февруари годинава, а мислењата во јавноста за нејзината исправност тоа останаа поделени. Најголемите забелешки беа дека не се постигнал очекуваниот ефект за растоварување на метежот, туку дека возилата чекаат подолго пред да се вклучат или да го продолжат правецот на движење на крстосниците.
Граѓаните се шегуваа оти единствено во Кочани наместо кружен функционира полукружен тек, со што во прашање беше доведена оправданоста од неговата изградба.
Т. Ајтовски