27.12.2017 Горан Јакимовски, полициски службеник со 25-годишно искуство во службата е избран за нов командир на Полициската станица во Кочани.
Едногласна одлука за тоа донесе Советот на Општината, прифаќајќи го претходно усвоениот предлог од Комисијата за мандатни прашања.
Изборот на нов командир на кочанската Полициска станица беше прва точка на дневниот ред на 5 седница, на која без многу дискусии од тројцата кандидати што ги предложи Министерството за внатрешни работи, Советот го избра Јакимовски.
Тој е роден во Кочани и дипломирал на Факултетот за безбедност, а по вработувањето во полицијата извршувал различни работни задачи. Доаѓа на местото на досегашниот командир Горан Велковски, кој останува да ги врши работните задачи во кочанската полисциска станица.
Освен Јакимовски како кандидати од страна на Министерството беа предложени и неговите повеќегодишни колеги Драганчо Даневски и Момчило Хаџи Паунов.
Т. Ајтовски