19.01.2018 23-годишниот Александар Стојанов од Кочани успеа меѓу 40-те пријавени момчиња прв да стигне до крстот во водите на Кочанска Река по повод празникот Богојавление - Водици.
Три пати до сега се пријавува за овој чин и конечно упорноста му се исплати и му се насмеа среќата да го фати Светиот крст. Најсреќниот Стојанов со неговите другари според обичајот ќе ги посетат семејствата во градот, кои го даруваат крстот со пари за здравје и среќа.
Тој пред сите присутни ја даде христијанската изјава и посака Бог да му дари здравје на него и неговите најблиски.
- Три години веќе скокам по крстот и оваа година имав најмногу среќа да го фатам. Најголем мотив да скокам по крстот ми е пред се Бог да ни дарува здравје на сите во семејството и на мене и ете ми беше желба да го фатам. Многу ми значи тоа што го фатив крстот и радосен сум многу, рече Александар Стојанов.
Празнувањето на верскиот празник Водици во Кочани е еден од најмасовните црковно - верски манифестации. Тоа беше потврдено и годинава кога покрај кејот на кочанска река присуствуваа голем број верници. Чинот на потопување на Честниот крст и осветување на водата го изврши Митрополитот Брегалнички Иларион со свештеници од Брегалничката епархија.
-Бог се јави, за многу години, честит празникот, мир и благослов од Бога, благосостојба во татковината во градот и помеѓу сите луѓе. Овој празник е праслика на Христовото крштевање на реката Јордан кој што Бог како Богочовек по тело се крсти од Јована на реката Јордан заради нас и нашето спасение и еве оваа традиција постојано ја повторуваме секоја година. На момчето што го фати крстот му посакуваме многу здравје и благослов а на сите луѓе кои што живеат во Кочани мир и благосостојба, рече г. Иларион, Митрополит Брегалнички.
Годинава чинот на потопување на крстот помина без многу награди. Причината е да не бидат наградите повод да се пријавуваат момчињата за скокање, туку верата во Бог. Од градоначалникот Николчо Илијев доби златник, а од кочанскиот храм Свето писмо Библија. Оваа година награди додели и фармацевстката компанија Зегин која што на момчето што го фати крстот му додели телевизор.
Пред одржување на чинот на потопување на честниот крст во храмот „Св. Вмч Ѓорги“ се одржа Света Божествена литургија по што со свечена литија верниците и свештениците се упатија кон мостот во паркот каде се потопуваше крстот. Успешно помина и лицитацијата на иконите и крстот а оние кои што ги купија иконите ќе ги чуваат во своите домови 40 дена за здравје, по што ќе бидат вратени во црквата.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници.
Т. Велкова