10.09.2013 Иако беа дојдени да пеат, македонските ѕвезди Белов, Тарабунов, група Черкези, бендот Енигма, не настапија. Причината беше немањето доволно публика во Оризари.
И сцената на која требаше да настапат не доликуваше на современа бина на која треба да се претстават македонските пејачи, а дополнително и отсуството на публика беше доволна причина присутните гости од естрадата да не го отпеат планираното.
Инаку манифестацијата што за прв пат беше организирана во Оризари е по повод одбележување на празниците 7 и 8 септември. Организаторите се потрудија да ги одбележат празниците и да ги соберат македонските пејачи. Најавуваа богата програма со учество на познати лица од македонската естрада , но очекувањата не се исполнија.
Се надеваа на масовност но, не само што не испадна ништо од масовноста туку по одржувањето и слабата посетеност , манифестацијата сигурно нема да премине во традиција, како што беше планирано.
-Се надеваме на голема посетеност од страна на кочанската и оризарската публика. Оваа манифестација ако е успешна ќе ја организираме традиционално секоја година, рече Марко Трајковски , организатор на манифестацијата.
Манифестацијата започна во петокот кога пред малобројната публика пееше Слаткар со „Токсикологија“ заедно со други познати диџеи. Во саботата покрај споменатите музичари требаше да настапат и Миле Кузмановски и Сузана Спасовска, но тие си откажаа на време. Групата Черкези, Ацо и весела дружина, Белов, Тарабунов и Енигма бенд чекајќи да се наполни публика си отидоа без да испеат ниту една песна. Белов видно разочаран од ситуацијата не сакаше да коментира за манифестацијата, само рече дека му е мило што е во Кочани за прв пат.
-Морам да признам дека прв пат доаѓам тука. Кочани ми се допаѓа и повторно би дошол ако имам прилика. Во Кочани се чувствувам некако топло како да сум дома, рече во изјавата за Канал 8 пејачот Александар Белов.
Тоа уште еднаш потврдува колку организирањето на ваквите културни настани и настани од забавен карактер ги привлекува Кочанци да се соберат и да уживаат во добра музика. После ова организаторите сигурно подобро ќе подразмислат дали и кога да организираат манифестации од ваков карактер во Кочани .
Т. Велкова