06.02.2018 Дождот што наврна изминативе денови, во комбинација со високите температури и топењето на снегот, предизвика излевање на реката Зрновка, а со тоа и големи штети на земјоделците.
Поплавени се овоштарници и оризови ниви, штетите се огромни, а Oпштината бара решение да им се помогне на оштетените и да се изнајде трајно решавање на долгогодишниот проблем со излевањето и поплавите.
- Навистина штетата е непроценлива, а сето тоа се случи поради ненавременото чистење на реката Зрновка од вегетацијата. Јас уште пред неколку години апелирав е потребно на овој дел од реката Зрновка да се направи и регулација односно да се изградат каскади со цел да може да се следи правецот на водата да не доаѓа до излевање односно до свртување лево или десно на речното корито. Ова се чести поплави на овој дел од атарот на Зрновско поле. Стапивме и во контакт со Водостопанство „Брегалница“ чија што надлежност е да управува со водите на речните корита и се надевам дека деновивеќе се направи регулација односно повторно да се врати водата во коритото на реката Зрновка. Ние како Општина еден дел ќе се потрудиме да помогнеме со давање на неколку стотици литри нафта, а механизацијата да ја обезбеди Водостопанство „Брегалница“ и на тој начин да успееме да ја свртиме водата повторно по коритото на реката Зрновка, рече Блаже Станков, градоначалник на општина Зрновци.
Инаку, не само едниот дел, туку и делот од другата страна на патот бил поплавен, за што јасно се гледаат трагите и влажната почва на земјиштето. Формирани езера од вода имаше и неколку дена по дождот, а со оглед на временската состојба и прогнозата дека веќе од утре повторно се очекуваат врнежи од дожд, факт е дека за овој проблем треба да се интервенира итно и без одложување.
Т. Велкова