27.02.2018 Опремата, медицинските апарати и техничките помагала што како донација за Општата болница во Кочани неодамна беа договорени и обезбедени од Шведска, се очекува наскоро да бидат донесени.
Сепак, самата болница не е во финансискса состојба да ги плати трошоците за транспорт на целата пратка, иако се работи за сума од 5.350 евра. Поради тоа во соработка со Општината, од здравствеената институција е упатен апел до бизнис-секторот и сите граѓани кои што можат да донираат и да помогнат во обезбедувањето на трошоците за транспорт и магацински услуги.
Со тоа тие ќе ја покажат својата општествена одговорност, а истовремено ќе им помогнат на пациентите од целиот регион кои ги користат здравствените услуги овде.
Во апелот е наведена и сметката за донации на болницата, како и другите неопходни податоци за да можат заинтересираните да ги уплатат паричните средства.
Инаку, медицинската опрема и уредите ги донира хуманитарната организација Hand till hand од Шведска, а нејзините претставници на крајот на јануари ја посетија Општината и најавија дека се работи за опрема која што најмногу и недостасува на нашата здравствена установа.
Сметката за донации на Општа болница е: 660130110248574
Даночен број: 4013005120860
Приходна шифра: 744111
Трезорска сметка: 100000000066005