14.03.2018 Први во Србија и први во Словенија. По победата во Белград учениците од кочанските основни и средни училишта учествуваа на натпреваротпороботикана регионалната Адриа лига што на 10 март се одржа во Гросупље, Словенија.
И од таму се вратија со први места. Освоија прво место во категорија - „Основни вредности“, трето место во категорија - „Игра со роботи“ и прва награда му беше доделена на Гордан Анастасов, како најдобар ментор.
- Од Словенија се вративме презадоволни бидејќи го освоивме првото место во категорија „Основни вредности“, трето место во „Игра со роботи“ а јас ја добив престижната награда „Најдобар ментор“ за сезона 2017 – 2018. Се надеваме дека ќе добиеме учество на Европско првенство што ќе се одржи во Унгарија но за тоа уште немаме информација. Последна информација ми е дека до 20 март треба да не известат дали ќе учествуваме. Неизвесно е бидејќи ние во Македонија уште немаме формирано наша лига и со тоа немаме лиценца за натпреварување на Европското првенство, истакна Гордан Анастасов, ментор.
На натпреварот во Словенија учениците се натпреваруваа во силна конкуренција од најдобрите тимови од повеќе европски држави, а организацијата била на високо ниво. За учениците ова е уште едно големо искуство и на нивно задоволство се вратија со одлични резултати, особено што на натпреварување од ваков ранг учествуват прв пат.
Инаку, учеството на натпреварот на First Lego лигата што се одржа во Белград беше финансиски поддржано од Ротари клубот Кочани - Виница, а патувањето за Словенија финансиски го помогна Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.
Т. Велкова