24.04.2018 Наменски се потрошени парите од Бирото за рамномерен регионален развој, а што општините од Источниот плански регион ги добија за реализација на проекти за кои аплицираа минатата година.
Сите проекти што се реализираа со поддршка од Центарот за развој на Источниот плански регион се завршени и повеќето се предадени на користење.
Една од инвестивциите беше и изградбата на спомен обележје на претседателот на Крушевската република, Никола Карев, во месноста Свиланово кај селото Рајчани, а за што заедничка апликација поднесоа општините Кочани и Чешиново-Облешево. Од Центарот за развој велат дека и овој проект успешно е реализиран, а на крајот од оваа недела и официјално ќе биде претставен во јавноста.
- По повод самото завршување, в петок на 27 април се планира свечено отворање на самиот објект, а воедно ќе има и одбележување на денот на загинување на првиот претседател на Крушевската република. Вкупната вредност на проектот е 5. 647000 денари, најголемиот дел од средствата се од државниот буџет, од Програмата за рамномерен регионален развој, додека сопствено кофинансирање имаат и општините Кочани и Чешиново-Облешево, рече Емил Василев од Центарот за развој на Источниот плански регион.
Спомен обележјето посветено на Карев е на површина од 460 м2, а околината ќе биде уредена со три настрешници. Комплексот ќе содржи четири амфитеатрални реда поставени кон југ, во правец на самиот споменик. Во центарот на комплексот се планира да биде сместена и досегашната спомен-плоча, а од источната страна има седум паркинг-места.
Од Центарот за развој на Источниот плански регион велат дека проектите со кои општините годинава аплицирале за добивање поддршка од Бирото за рамномерен регионален развој веќе се предадени, за нив се врши евалуација и се очекува одговор за кои ќе бидат одобрени финансиски средства.
T. Aјтовски