03.05.2018 Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство заплениле и уништиле околу 300 килограми небезбедна храна, смеса за подготовка на пирошки и јајца, затекнати при инспекциската контрола во објект што не е одобрен и регистриран од Агенцијата.
Спроведената истрага утврдила дека небезбедните пирошки кои предизвикаа дополнителни труења со храна, во Штип и во Кочани, се произведувале нелегално, во домашни услови, во објект што се наоѓал непосредно над операторот со храна „Гицов“ ДООЕЛ од Кочани кој на 25 април бил затворен од страна на Агенцијата и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Небезбедните производи се повлечени и уништени меѓу кои и пирошките кои биле дистрибуирани на пазарот, се наведува во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Со одземањето, спречувањето на нелегалното подготвување и дистрибуирање на небезбедните пирошки и нивното нештетно уништување под надзор на инспектор за храна, затворена е истрагата за овој случај во кој беа затруени поголем број лица. Сторителот на делото ќе биде прекршочно и кривично гонет од страна на надлежните државни органи.
Агенцијата за храна, како што се наведува во соопштението, јавно се заблагодарува на граѓаните за дадената соработка при решавањето на овој случај.