22.05.2018 Канал 8 кратко информира за прославата на матурантите во СОУ „Љупчо Сантов“ бидејќи на нашата екипа не и беше дозволено да направи снимка од забавата во ресторанот.
При влегувањето во угостителскиот објект бевме предупредени дека медиумите немаат пристап за снимање затоа што според одговорната во младинската организација на училиштето, Бојана Постоловска, претходно била донесена таква одлука. Наводно за ова имало и договор меѓу матурантите и професорите, со поддршка од раководството на училиштето.
Ваквото однесување кон медиумите е своевидно понижување, со оглед на нашата добра намера афирмативно во јавноста да го пренесеме еден од најсвечените моменти во животот на средношколците.
Досега новинарска екипа на Канал 8 не била остранета од ниту еден настан за кој што претходно имала покана и договор да се снима. Токму затоа, неразбирлива е постапката на некои млади лица и нивните професори со која е искажана нетрпеливост и арогантност.
Телевизија Канал 8 секогаш одговорно и афирмативно, позитивно и добронамерно ги одбележува прославите, како и успесите на учениците од ова и другите училишта. Доказ за тоа е што пред само неколку дена во СОУ „Ѓошо Викентиев“ исто така беше организирана матурска забава, за која што немаше никаква забрана да се снима, што е потврда за одличната соработка меѓу Канал 8 и средното училиште.
Сметаме дека се работи само за избрзaна реакција на поединци од СОУ „Љупчо Сантов“ со која најмногу ќе изгубат токму оние кои што заслужуваат да бидат претставени во јавноста во најдобро светло.
Т. Велкова