19.09.2018 Четворица повредени ученици и една опожарена училница е билансот од земјотресот, а по него и пожар што избувна утрово во ОУ „Раде Кратовче“, како дел од тактичко-показната вежба спроведена во ова училиште.
Со две возила на ТППЕ - Кочани кои пристигнаа во училиштето, кочанските пожарникари повторно уште еднаш ја покажаа подготвеноста при справување во вакви елементарни непогоди. Освен гаснење на пожарот, ги извадија на носила и сите повредени ученици.
Прва помош укажаа екипи од ОО на Црвен крст - Кочани, а од раководството на училиштето изразија голема благодарност до сите учесници во вежбата. Заклучокот е дека ОУ „Раде Кратовче“ е подготвено да ги евакуира сите ученици и вработени при вакви непогоди.
-По најавата дека имаме земјотрес сите ученици за помалку од две минути го напуштија училиштето според планот за евакуација. Заради настанатиот пожар дојдоа и од ТППЕ - Кочани го изгаснаа пожарот и ги изнесоа на носила повредените ученици. Можам да кажам дека вежбата заврши успешно и голема благодарност до сите учесници како и до ТППЕ - Кочани и ОО на Црвен крст, рече Благој Давитков, директор на ОУ „Раде Кратовче“.
Од ТППЕ - Кочани рекоа дека со сите училиште организираат вакви симулациски вежби преку кои се утврдува колку училиштето е подготвено да реагира во случај на пожар или друга елементарна непогода. Вежбите се спроведуваат согласно планот за евакуација при несреќи и планот за работа на основните училишта.
Т. Велкова