19.09.2018 Повторно нова серија на малтретирање кучиња во Кочани. На истата локација во подрумските простории кај зградите кај панаѓурот Здружението за заштита на животните од Кочани повторно најде и ослободи изгладнети, измалтретирани и дехидрирани врзани кученца.
Од Здружението пак, се сомневаат на Николчо Тeрџиманов кој живее во истата зграда и за кој Канал 8 досега неколку пати информираше.
За новото малтретирање Здружението ја извести и полицијата и ветеринарните инспектори.
- Откако излезе од затвор Николчо повторно продолжи со истото темпо на собирање и малтретирање кучиња. Во подрумските простории на зградите кај панаѓурот најдовме нови кученца. Ги затековме изгладнети, дехидрирани, преплашени, оставени во темни простории. Повторно ја известивме полицијата и ветеринарен инспектор со цел да го спречиме злоставувањето на кучињата. Бидејќи неколку пати Николчо беше во затвор очигледно е дека тоа не го спречува повторно да измачува кучиња, тој треба да бара психијатриска помош и мора да се преземе нешто бидејќи вака не одиме никаде, злоставувањето продолжува а никој не презема ништо, рече Александра Арсова, Здружение за заштита на животни Кочани.
За истиот човек за кој досега неколку пати известуваа медиумите покрената е постапка и тој добро и познат на полицијата. Неколку пати беше во затвор, но по враќање , продолжува со малтретирањето. Ги врзува кучињата, со денови не им дава храна и вода, ги тепа, ги злоставува на секаков начин и потоа ги фрла во каналот. Од здружението велат дека злоставувачот секојдневно донесува нови кучиња и ги малтретира и ги остава да умрат од глад и жед. Нашата камера ги регистрираше подрумските простории каде што го прави тоа каде што затековме измалтретирани кучиња.
Од Здружението за заштита на животните бараат темелна истрага на случајот и повторна казна за сторителот согласно Кривичниот закон, како и трајна забрана да се приближува на животни или да ги зема за било какви цели. Бараат затворска казна за посочениот за мачење животни. Доколку брзо не се делува на терен прашање на време е кога ќе има наредна жртва и мачењето и убивањето нема да запре.
Т. Велкова