24.09.2018 Седум лица од Виница кои се пожалиле на труење со храна се задржани на лекување во Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип.
Од Здравствениот дом во Виница потврдија дека во изминатите два дена кај нив на преглед се јавиле поголем број пациенти со стомачни проблеми, главно со симптоми на повраќање и дијареа, од кои дел биле препратени во штипската болница.
Најголем број од затруените се пожалиле дека јаделе храна од сендвичарница во Виница, но дел од нив биле на прослави и во соседните градови.
- Во саботата и неделата на инфективното одделение донесени се сдум лица, затруени од храна и тие во моментот се на оделението, под терапија. Лицата се од општина Виница. Најмалиот пациент е 13 години, а најстариот е 57 години, рече Марина Шуманска , портпарол на Клиничка болница - Штип.
Од Центарот за јавно здравје во Кочани информираа дека веќе се земени примероци од храната и од работните површини во сендвичарницата и резултатите се очекуваат утре, а превентивно од страна на санитарната инспекција е издадено решение за забрана за работење.
За една недела ова е втор поголем случај на труење со храна во Виница, откако минатиот вторник пет лица беа задржани на лекување во болницата во Штип, при што се пожалија дека консумирале производи од слаткарница.
Т. Ајтовски