15.10.2018 Екипа од 20 ученици и 5 професори од СОУ „Љупчо Сантов“ викендов беа дел од едукативната работилница во село Негрево, Пехчевско во новоотворениот едукативен центар за зачувување на природата.
Истиот е отворен со финансиска поддршка од Швајцарска агенција за развој и соработка преку проектот за зачувување на природата.
- Кустосот Верица Арнаутовска таму не информираше за целта на постоење на едукативниот центар и меѓу другото промовираше дека целиот тој регион спаѓа во групата на заштитени подрачја од причини што таму е најдено едно инсективорно растение кое што се храни со инсекти кое што е ендемски вид и не се среќава на друго место.
Од тие причини е заштитен со цел да се одржи таков како што е и да овозможи да се зачува биодиверзитетот, рече Зора Чурева, претседател на еко-одборот во СОУ „Љупчо Сантов“.
Меѓу другото освен посетата на тој едукативен центар училишниот тим имаше можност да присуствува и на еднодневната работилница на истата тема во организација на Македонското еколошко друштво.
Работилницата, додава Чурева, се одвивала во насока на размислување да може текот на реката Брегалница во делот од Делчево, Македонска Каменица кон Кочани, па се до вливот во Вардар да стане заштитено подрачје и како би можело да се преземат активности за зачувување на биодиверзитетот како што е направено во беровско - пехчевскиот крај со изградба на пречистителна станица за отпадни води.
Т. Велкова