26.10.2018 По нешто повеќе од три години од последната набавка, кочанските пожарникари ќе добијат нова работна униформа и обувки.
Локалната самоуправа го објави тендерот со кој бара фирми кои ќе обезбедат соодветна облека што ќе одговара на техничката спецификација според законските одредби во оваа област.
Тоа значи дека облеката треба да ги задоволува потребните стандарди за заштита на лицата при извршување на нивните задачи, односно да обезбедува висока топлинска издржливост, да може да поднесен високо ниво на абразија, како и да овозможува извесен степен на водоотпорност. Како потврда за квалиетот на ткаенината, добавувачот треба да обезбеди сертификат од акредитирана лабораторија.
За набавка на 36 комплети работна облека, односно панталони, кошули и маици, како и на 18 пара чевли и длабоки зимски чизми за кочанските пожарникари Локалната самоуправа планира да потроши над 250 илјади денари. Веќе тече огласот за прибирање понуди од заинтересираните фирми, што трае до крајот на овој месец.
Доколку се помине во ред и на тендерот се пријават понудувачи кои ќе ги исполнат бараните услови во спецификацијата, се очекува во рок од еден месец да биде извршена набавката. Со тоа ќе се реши проблемот со недостигот од соодветна облека и обувки со која кочанските пожарникари се соочуваат подолг период.
Т. Ајтовски