01.11.2018 Започна поправката на оштетувањата и дупките на коловозите на повеќе улици во градот.
Градежната механизација започна со поправката на оштетувањата на улицата “Павлина Велјанова“ што се појавија по излевањето на водата од подземната водоводна и канализациска мрежа. Иако на почетокот состојбата не беше критична, во изминатите неколку месеци врнежите од дожд и интензивното користење на улицата придонесоа за влошување и отежнато движење на возилата.
Токму на крстосницата со “Димитар Влахов“ што е на влезот во градот, коловозот на оваа сообраќајница беше оштетен и подигнат, па за да ги избегнат дупките и нерамниот коловоз, возачите беа примнудени неправилно да влегуваат во крстосницата.
Тоа, заедно со недоволната прегледност, ја влошуваше и онака намалената безбедност за сите учесници во сообраќајот. Поради тоа, и граѓаните кои живеат во овој дел од градот бараа брза реакција на надлежните за да се спречат несакани случки со посериозни последици.
Работници и механизација од претпријатието “Битем“ од Скопје, кое ја доби тендерската постапка, го гребат и расчистуваат оштетениот асфалтен слој и по подготовката на теренот ќе биде поставен нов асфалт.
Слична интервенција од Општина Кочани најавуваат и на други улици каде асфалтниот слој е сериозно оштетен и се загрозува безбедноста во сообраќајот. Меѓу приоритетните се улиците “14 Бригада“, “Гоце Делчев“, крак од “Питу Гули“ и други.
Реализацијата на активностите е со средства од буџетот на Општина Кочани предвидени за крпење прекопи и оштетувања на улиците, за што се наменети околу 1,5 милион денари.
Т. Ајтовски