05.11.2018 Во организација на библиотеката „Искра“, од 5 ноември, е отворен тринаесеттиот Саем на книгата во Кочани.
Годинава се претставуваат 15 домашни издавачки куќи со околу 1.300 наслови односно 5.700 книги од кои најголемиот број се нови изданија што се објавени меѓу двете саемски манифестации. Интересот кај читателите во изминативе години е голем, така што очекуваат да се повтори и оваа година, истакнаа од библиотеката „Искра“.
-Имаме голема понуда на книги за возрасни и за деца. За деца имаме богата понуда од сликовници, боенки и едукативен материјал. За возрасни имаме белетристика од сите жанрови. Се надеваме дека и оваа година интересот за саемот ќе биде голем, а имаме најавено и посети од основните училишта. Ја користам приликата да ги поканам сите граѓани да го посетат саемот кој што ќе биде отворен до 10 ноември од 10 до 18 часот, рече Мара Анастасова, библиотекар.
Книгите што се нудат се жанровски различни и се со промотивен саемски попуст, истакнуваат од издавачките куќи.
Пред присутните на отворањето во библиотеката зборуваше Мара Анастасова, а Саемот за отворен го прогласи директорот на установата Коце Стојменов. Во соработка со основните училишта од Кочани веќе се договорени организирани посети за учениците, а за најмладите има и богата понуда на сликовници, боенки и училишен прибор.
Саемот на книгата се организира во рамките на манифестацијата „Месец на книгата“. Сè до 15 ноември се очекуваат повеќе промоции на дела од роднокрајни автори и други книжевни настани.
Т. Велкова