08.11.2018 Близу 40 илјади пријави за легализирање на бесправно изградени објекти поднеле граѓаните од единаесетте општини во Источно планскиот регион, што значи дека скоро во секое второ домаќинство има градба за која претходно не била добиена соодветна дозвола.
По поднесените пријави и елаборати постапката досега е завршена за нешто повеќе од 17 илјади дивоизградени објекти, односно 43,5 отсто за кои се издадени решенија, беше речено на прес-конференцијата на здружението Иницијатива на невработени интелектуалци - „ИНИ“ од Виница кое, во рамки на проектот „Имам право да знам“, ги истражуваше состојбите со легализацијата на бесправните градби во регионот.
- Законот за легализација на дивоградбите беше донесен од претходната Влада во 2919 година и до денес, 2018 година, ние не видовме ниту една анализа какви се ефектите од овој закон и како тоа се одразува на општината, како и на државата. Се поставува прашањето дали во изминатиот период локалните власти си ја вршеле својата работа, надлежноста во делот на урбанизмот, планирањето, еве сега ни се одразува со ова. Имаме скоро 40 илјади барања, ако тоа го погледнеме и го претвориме во финансиски средства, значи ако ги пресметаме тоа се 20 милиони евра. Тоа е голема бројка, средства кои што требало да се слеат во општинската каса, рече Тодор Цонев, претседател на Здружението “ИНИ“ – Виница.
Анализата на состојбите со легализацијата на дивоградбите покажала дека во периодот по донесување на законот, општинската администрација има зголемени обврски, при што директно се вклучени околу 50 вработени во службите за урбанизам во сите општини од источниот регион. Досега, најголем број од постапките за легализирање се завршени во Кочани со 51 отсто и во Штип со околу 47 отсто.
Истражувањето за легализацијата на дивоградбите на Истокот, здружението „ИНИ“ го реализираше во изминатите шест месеци со поддршка од фондовите на ЕУ, како подгрант на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување на реформи“ во кој се вклучени Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО “Инфоцентар“ од Скопје.
Т. Ајтовски