08.11.2018 Голем успех за ученичката Сандра Костадинова од ОУ „Никола Карев“ на Детските Рацинови средби што во чест на поетот и револуционер Кочо Рацин секоја година се одржуваат во Велес.
Таа учествуваше со песната “Рацин вчера, денес и утре“ и во силна конкуренција ја освои третата награда.
-Прв пат учествувам на конкурсот Рацинови среби и задоволна сум од третата награда бидејќи е на државно ниво. Се подготвував под менторство на наставничката Гордана Јефтимова а се претставив со песна на тема „Рацин вчера, денес и утре“, рече Сандра Костадинова, ученичка во ОУ „Никола Карев“.
Радост и гордост е да се има вакви успешни ученици кои освен во школските се трудат и во вон школските активности и се желни за постигнување успеси на државно и меѓународно ниво, истакна Гордана Јефтимова, ментор и наставник по македонски јазик и литература во ОУ „Никола Карев“.
-Се претставивме со прекрасна поетска творба на тема „Рацин вчера, денес и утре“ доста инспиративен поет на социјална лирика. Во силна конкуренција од голем број автори млади надежни имиња, нашата ученичка Сандра се претстави добро и доби трета награда. Бевме поделени во повеќе категории и можам да кажам дека станува збор за манифестација од висок ранг, рече Гордана Јефтимова, наставник во ОУ „Никола Карев“.
Инаку, станува збор за престижна манифестација која веќе пет децении го прославува творештвото на Рацин. Но, таа е особено значајна и за актуелните млади македонски автори кои денеска го градат достоинството на македонската култура и ја афирмираат македонската книжевност во меѓународен контекст. Со поезијата на Рацин, македонската литература ја доби неопходно потребната поврзувачка нишка меѓу традицијата и современоста.
Т. Велкова