04.12.2018 Вработените на итната медицинска помош во Здравствениот дом во Виница ќе работат со нов ЕКГ апарат - донација од Ротари клубот Кочани - Виница.
За реализација на оваа донација, Ротари клубот организираше претстава, а средствата од неа беа за подобрување на здравствените услуги во виничката амбуланта.
- Една од целите на Ротари клубот Кочани - Виница е соработка и помагање во здравството. За таа цел организиравме хуманитарна претстава на која ни гостуваше театарот од Штип со претставата „Умри машки“. Од претставата почнаа да се собираат средства за сегашната донација, тоа е ЕКГ апарат, дел од средствата ни се од одржаната хуманитарна претстава, а дел се донација од ротаријанците, рече Јован Попов, претседател на Ротари клубот Кочани-Виница.
Како што најави Попов, во фаза на реализација се уште два значајни проекти во општината со нивна поддршка - изградба на мал амфитеатар во кругот на основното училиште „Славчо Стојменски“, како и изградба на парк и пошумување и уредување на дел од запоставените зелени површини во општината. Во план се и неколку предавања на актуелни теми.
Т. Велкова