07.12.2018 Со преасфалтирањето на коловозот и прилагодување на шахтите и сливниците за атмосферската вода се комплетира реконструкцијата на улицата „Страшо Ербапче“ во Кочани.
Одличниот ангажман на работниците и градежната механизација на компанијата „Ескаватори“ од Косово, која работеше и на реконструкцијата на патот кон Пониква, помогна практично за две недели да се добие поквалитетно сообраќајно решение на овој дел од градот.
Според првиот човек на Општината, ретко кој граѓанин очекувал дека целата активност може да се заврши токму пред зимската сезона, особено што се работеше во специфични временски услови.
Сепак, заложбите да се интензивира целата постапка придонесоа да се реконструира оваа сообраќајница која има не само локална, туку и поширока важност.
- Ова е една од попрометните улици во Кочани која, прво, поврзува еден поголем дел од месното население кое живее во овој дел, исто така и пристапот до болницата во Кочани и секако, најважно е, пристапниот пат до нашиот спортско-рекреативен центар Пониква. Ние согледавме дека оваа улица навистина беше во една очајна состојба и интервениравме кај централната власт, односно. во Јавното претпријатие за државни патишта каде наидовме на разбирање и надвор од сите програми и планови го вметнаа и овој дел од улицата „Страшо Ербапче“ и навистина сум многу благодарен за разборањето што го имаше директорот на Јавното претпријатие. Успеавме оваа улица да биде завршена во еден релативно краток период, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Трошоците за реконструкција на оваа улица целосно се покриени од државниот буџет, односно преку Јавното претпријатие за државни патишта се добија дополнителни средства од оние што беа планирани за рехабилитација на патот од Пониква кон Кочани. Со тоа за реконструкција, што се најавува за идната година, ќе преостанат уште околу 8 километри, со што по повеќе од три децении целосно ќе биде обновнено соораќајното поврзување со планинскиот туристички центар.
T. Aјтовски