11.12.2018 Водата од водоводот во планинското село Полаки е неисправна за пиење, поради што е издадена забрана за нејзина употреба.
Анализите врз земените примероци што ги направил Центарот за јавно здравје од Кочани покажале поголемо присуство од законски дозволеното на вкупниот број бактерии, поради што е оценето дека може да има штетни последици по здравјето на луѓето.
Во писменото известување до Општината стои дека поради констатирано присуство на бактерија ешерихија коли се препорачува жителите од ова село, како и планинари, гости и други посетители да не ја користат водата за пиење.
Загаденоста е регистрирана на главниот цевковод, односно од водозафатот во месноста Китка, до двете маала Цреша и Крушка.
Испитувањата на водата во Полаки не покажале големи отстапувања од законски дозволените во однос на исправноста од физичко-хемиски аспект.
Во писменото известување до Локалната самоуправа од Центарот за јавно здравје нагласуваат дека е потребно локалниот водовод во ова село да се дезинфицира со резидуален хлор од 0,2 до 0,6 милиграми на литар.
По таквиот третман, дополнително во наредниот период треба да се направи уште едно испитување по што се очекува здравствената институција да излезе со нови податоци дали е постигнато подобрување во исправноста на водата.
Т. Ајтовски