10.09.2020 Во изминатите денови членовите на ПСК „Осогово“ реализираа неколку активности, што се дел од годишната програма за работа. Најпрвин, во пресрет на двата празника, 7 Септември - Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември - Денот на независноста на Македонија, кочанските планинари учествуваа на три различни планинарски акции.
Во саботата на 5 септември се искачија на врвовите Китка на 1903 мнв и Царев врв - 2085 мнв, како поддржувачи на предизвикот „12 врвови“ што го организира ПСК „Трансферзалец“ од Скопје.
На 6 септември екипа на ПСК „Осогово“ учествуваше на традиционалното искачување на највисокиот врв во Македонија - Кораб на 2764 мнв. Истиот ден се одржа и планираната тура до Раткова Скала на 1250 мнв, заедно со членовите на ПСК „Кожув“ од Гевгелија.
Активностите на планинарите продолжуваат и викендов. За в недела се најавува искачување на највисокиот врв на Баба Планина - Пелистер, на 2601 метар. Притоа ќе се пешачи по стандардната патека, откај ловечката куќа.
Освен тоа, како посебно постигнување е што кочанскиот планинарски клуб го доби и првиот женски планински водич во Источна Макеоднија. На обука за жени планинарски водичи што ја организираше македонската планинарска федерација, а што се одржа на Пелистер од 3 до 7 септември, учествуваше и нашата кандидатка Стојка Антова. Таа успешно го помина тестот и обуката, и се стекна со сертификат за планински водич од категоријата А1 - планинарење по лесни патеки во летни услови.
Т. Ајтовски