05.03.2021 Она што некогаш беше гордост на Кочани и целиот овој регион веќе не постои. Монополскиот објект е разрушен и ќе остане споменик и сеќавање на едни убави времиња.
Уште на самиот влез во кругот на поранешниот „Југотутун“, може да се забележи запуштеноста, како знак дека подолг период овде нема никакви активности. Освен на оние кои влегуваат со намера да си земат нешто што не им припаѓа.
Таблата на која пишува дека ова е откупен центар за тутун на „Струмица табак“, стои како потсетување за неуспешниот премин на поранешниот општествен капитал во приватен. На портирницата нема никој, а внатре инвентарот заедно со прозорците и вратата се целосно уништени.
Слично е и со службените возила што останале во кругот на Монополот. Скоро сите делови што можеле да се извадат се однесени.
Во објектите во кои со децении се откупуваше и складираше тутунот, забележливи се интервенции на човечка рака, но во негативна конотација. Лимениот кров одамна е украден, па сега откупниот пункт зјае кон небото, исполнет со отпадоци од стаклена волна. Ниту печките што служеа за сушење на тутунот не поминале подобро. Целосно се оштетени, а крадците почнале да ги вадат вредните делови, па и металот од нив.
Расфрлани се парчиња изолација низ сите простории. На удар се нашле и дрвените рафтови на сите три катови на кои се редел и сушел тутун. Стаклата на прозорците одамна се искршени, а вратите ги нема или на лицата кои влегуваат со лоша намера им служат како носила за изнесување на дрвените греди од внатрешноста.
На кровот веќе се искршени повеќе ќерамиди, па тој протекува. Прашање на време е кога носечките греди и дрвениот под ќе изгнијат и ќе се срушат во внатрешноста.
Ниту управната зграда не е во подобра ситуација. На сите страни има расфрлани документи, книги, фотографии, евиденција за предаден тутун. Посебна приказна е електричната, водоводната и инсталацијата за парно греење. Целосно е откорната, а на места каде поминувале каблите и цевките сега има само канали во ѕидовите.
Тажно е да се гледа како објектите што се граделе со децении, во кои се испреплетувала маката на тутунопроизводителите, и што претставувале еден од столбовите на кочанското стопанство, сега се беспомошни.
Очигледно, судбината на објектот на некогашен „Атом“, поранешен „Автотранспорт“, го снајде и „Југотутун“ од Кочани. Ако наскоро нешто не се преземе да се заштитат овие објекти, од нив ќе останат само ѕидини.
Т. Ајтовски
©2021 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.