23.09.2013 Молебен за здравје на децата од Грдовци кои настрадаа во тракторската несреќа годинава на први мај се одржа во саботата во црковниот храм „Св. Тројца“ во село Грдовци. Освен децата присуствуваа и нивните родители и роднините и пријателите кои за здравје месеа погачи, се молеа и палеа свеќи. По повод христијанскиот празник Рождество на Пресвета Богородица или Мала Богородица се одржа света литургија.
-Одржавме света божествена литургија посветена на Рождество на Пресвета Богородица кај народот познат како Мала Богородица. По литургијата одржавме молебен во чест на децата кои настрадаа во тракторската несреќа на први мај. Среќни сме што сите деца се живи и здрави и им читавме молитва за здравје на нив и нивните семејства како и за сите селани, истакна Илчо Миленковски, свештеник.
По лошите настани што се случија во Грдовци, тракторската несреќа, уништувањето на посевите од поплавите, грдовјани решиле со молитва и со собир работите да тргнат на подобро.
-Секое зло беше кај нас. Но, со овој потег на селаните во село Грдовци отсега ќе се случуваат само убави работи, рече Станка Трајанова, жител на село Грдовци.
За присутните имаше организирано ручек направен од парични средства од сите жители на селото со собирање доброволен прилог. Се осветуваше вода и се кршеше колач за здравје на децата и селаните.
Т. Велкова