18.10.2013 Кочанските опозициони советници ја напуштија десеттата седница на општинскиот Совет, со образложение дека така протестираат против апсењето на нивниот колега и претседател на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ.
Со тоа ја поддржаа партиската препорака за бојкот на седниците и им се придружија на своите колеги од Куманово, Штип, Велес и други општини каде исто така отсуствуваа советниците од коалицијата “Сојуз за иднината“.
Одлуката за напуштање на седницата уште на самиот почеток ја соопшти координаторот на советничката група Ѓорѓи Алексов.
- Во знак на солидарност поради притворањето на претседавачот на Советот на Општина Центар ние ќе ја напуштиме работата на денешната седница на Советот и нема да дозволиме Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со институционално насилство и понатаму да врши политички терор врз неговите неистомисленици, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.
Од советничкото мнозинство реагираа на ваквата одлука на опозицијата затоа што била побарана процедурална забелешка, а говорницата се искористила за други цели.
- Не знам зошто колегите од СДСМ доаѓаат на седница кога треба да се земе дневница, а потоа не учествуваат во работата. Значи, ако не требало да доаѓаат, не требаше да дојдат, а вака само да се јават, да се регистрираат за да земат паушал, надоместок, не е во ред од колегите советници, рече Спиро Ѓоргиев, член на Советот на Општина Кочани.
Со идентичен став излезе и претседателот на Советот, Иван Иванов.
- Мое мислење е дека вака се врши притисок врз независната судска власт. Мислам дека ако колегите не сакаа да присуствуваат на седницата не требаше воопшто ни да доаѓаат, но тие се се појавија само за земање на надоместок, рече Иван Иванов, претсдеател на Советот на Општина Кочани.
Со одговор на ваквото мислење на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, веднаш по завршувањето на седницата, излегоа од опозициската советничка група.
- Ние имаме генерален став да ја напуштиме седницата и тој став ќе биде применет на територијата на цела Македонија. Што се однесува до власта, секогаш кога сме присутни на седниците ние сме тие кои навистина учествуваме во работата со предлози, сугестии и дискусии, а сведоци сме дека и на денешната седница, без наше присуство таа заврши за помалку од 20 минути. Значи, тие се оние кои никогаш не учествуваат во работата на седниците, туку како неми посматрачи гласаат за секоја точка од дневниот ред, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.
На десеттата седница на Советот за разгледување се најдоа 12 точки, за кои немаше ниту една дискусија и сите беа едногласно усвоени. Претседателот Иванов практично се најде во улога на читач на содржината од дневниот ред, а седницата заедно со советничките прашања заврши за дваесетина минути.
Т. Ајтовски
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
|700|525|0{/youtube}