25.10.2013 Над 200 нови парцели за изградба на викенд куќи планира да добие кочанската Локална самоуправа во спортско-рекреативниот центар Пониква во наредниот период.
Според планирањата, освен парцелите за изградба на викендички, предвидени се и придружни содржини, како паркинг простор, сообраќајници, заштитно зеленило и друга инфраструктура. Интерeсот кај купувачите до сега беше голем, иако цените по метар квадратен што се постигнуваат на последните наддавања се многу пониски од првите огласи што се објавуваа лани.
Сепак, тоа не ги става во дилема одговорните во Општината од каде најавуваат дека ќе продолжат со урбанизирањето на државното градежно земјиште што се наоѓа на територијата на општината.
- Понатаму ќе имаме дополнително урбанизација за целиот овој дел за кој што сметам дека е доста атрактивен. Ќе имаме уште преку 200 плацеви на територијата на општина Кочани, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Последниот 12-ти оглас за продажба на градежно земјиште што го објави Општината се уште не е завршен. Со него, меѓу другото предмет на продажба беа и 7 парцели за викендички, како и две парцели за изградба на објекти за времено сместување, односно хотели.
Минатата година советниците изгласаа одлука за донесување детален урбанистчки план за нова викенд населба во близина на некогашниот ски лифт број 2. Со тоа се продолжи постојната викенд населба што се наоѓа во катастарските општини Јастребник и Полаки.
Вкупната површина на просторот што се продаваше беше околу 5 хектари, а не него веќе се изградени повеќе од половина од предвидените 60-тина објекти.
Т. Ајтовски
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}