14.06.2013 Бесплатни курсеви по турски и француски јазик можат да посетуваат сите заинтересирани граѓани од Кочани, во организација на здружението на студенти на Правниот факултет, “Павел Шатев“.
Предавањата ги држат странски државјани, студенти на различни универзитети од земјите од кои доаѓаат. Целата настава е на волонтерска основа, односно ниту слушателите плаќаат за часовите, ниту предавачите земаат некаков надомест.
Активноста на кочанското здружение е во рамки на исполнување на една од целите за промовирање, воспоставување и развивање взаемно почитување, соработка и контакти меѓу студентите од земјата и странство.
- Моментално во организацијата имаме волонтери од Турција и Франција. Се спроведуваат бесплатни курсеви по француски и турски јазик, за сите граѓани на Кочани, без разлика на нивната возраст. Курсот по турски јазик заврши успешно, издадовме сертификати на повеќе од 30 учесници. Сега е втората етапа од истиот курс, имаме околу 40 нови посетители, а курсот по француски јазик е во прва етапа и имаме околу 20 учесници, рече Благој Ристов, претседател на Здружение на студенти “Павел Шатев“.
Изучувањето на странските јазици за нашите сограѓани е од почетно и од напредно ниво. Пријавувањето на заинтересираните и предавањата се изведуваат во просторијата на здружението на студенти “Павел Шатев“, на улицата “Карл Маркс“, спроти џамијата во Кочани.
Дел од странските студенти-предавачи овде се неколку месеци и веќе научиле по малку од македонскиот јазик.
- Здраво, јас сум Арно од Франција. Овде сум еден месец како волонтер и во Кочани многу ми се допаѓа.... Јас сум Абдула, од Турција, волонтер сум. Македонија и Кочани се многу убави. Благодарам на Европскиот волонтерски сервис и на македонскиот народ... Јас сум Маар, во Кочани сум со волонтерите.Кочани и Македонија се многу убави, рекоа дел од предавачите-студенти.
Од здружението на студенти на Правниот факултет најавуваат дека бесплатните курсеви по странски јазиици ќе продолжат и во текот на летото.
Наскоро во Кочани се очекува да пристигнат студенти волонтери и од Летонија, Русија и од скандинавските земји, кои исто така ќе бидат предавачи на бесплатните курсеви за нивните мајчини јазици.
Т. Ајтовски