17.06.2013 Стартува прскањето против комарци во Чешиново Облешево, општина која е одредена како приоритена локација за прскање против комарци согласно владиниот план, заедно со туристичките места Охрид, Дојран, Ресен, Крушево и Берово.
- Голема благодарност до Владата која му даде приоритет на прскањето во Општина Чешиново Облешево. Прскањето од земја стартува во вторник, додека авионски во најскоро време, информираше градоначалникот на Чешиново-Облешево, Костадин Личков.
Земјеното третирање на територија на Чешиново-Облешево Ќе почне во вторник во 18.30 часот, додека авионското ќе се спроведе по спроведувањето на јавните набавки во Министерството за транспорт и врски во соработка со Министерството за здравство.
- Ние будно ја следиме целокупната активност. Секоја година ќе има тренд на проширување на територијата и се надевам дека во наредниот период ќе можеме да зборуваме за ставање под контрола на комарците, затоа што ние нема да вршиме геноцид на комарци, рече Благица Ѓурковиќ, директор на Центарот за јавно здравје.
Прскањето против комарци чини 250 денари по хектар, додека авионски 325 денари по хектар. Со авионското третирање ќе се опфатат 1000, а со земјеното 160 хектари.
Г. Лалов