28.06.2013 30 угледни грагани на Кочани од сабота стануваат дел од интернационалното ротари семејство. Промоцијата на ротари клубот Кочани ке се одржи на браната Гратче. На чартер церемонијата се очекува присуството на г-дин Hilscher – Специјален претставник на претседателот на РИ за Македонија, г-дин Огнен Фирфов, претседател на Ротари Клубот Скопје, клубот спонзор на РКК, Раде Христовски претседател на сојузот на Ротари клубовите во Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и други гости.
Почетоците на Ротаријанството се забележуваат уште од далечната 1905 година, кога Г-динот Пол Харис, заедно со неколку свои пријатели истомисленици, го основаше и организираше првиот Ротари клуб во Чикаго, Илиноис во Соединетите Американски Држави.
28.06.2013 Струјата од јули поевтинува за 4,48%. Тоа е конечната одлука на регулаторите која ќе биде калкулирана во сметките за струја за јули.
Корекцијата доаѓа по реакциите на енергетските компании кои во текот на вчерашниот ден доставија дополнителни документи што им ги побараа членовите на Регулаторната комисија за енергетика за утврдување на максимален приход.
Како што изјави претседателот Петров на прес конференцијата, реакции на предлог цената стасале од сите енергетски компании, а од ЕВН тврделе дека со таа предлог цена се доведува во прашање ликвидноста на компанијата.
28.06.2013 Од 1 до 13 јули во ЦК „Бели Мугри“ ќе се одржи манифестацијата Петровденски конаци. Меѓународната културна манифестација и годинава ќе понуди богата програма на кочанските граѓани.
Манифестацијата ќе започне со претставување на Мандолинскиот оркестар при Младински Културен Центар Скопје . Ќе се одржи на летната сцена на ЦК „Бели Мугри“ со почеток во 20 часот и 45 минути . Влезот е слободен. За вториот ден и третиот ден на програмата е македонскиот игран филм „Трето полувреме“ што ќе биде изведен во 20.45. Влезот е со симболична цена од 100 денари. Понатаму на 4 јули ќе следува „Концертот на староградски песни“ чиј влез ќе биде слободен , а концертот ќе се одржи на летната сцена при ЦК „Бели Мугри“. На 6 јули според програмата на летната сцена е предвиден „Фолклорен концерт“.
28.06.2012 Општината и оваа година го организира Петровденскиот турнир во мал фудбал. Пријавувањето на екипите за учество на турнирот ќе трае до четврток, 4 јули.
На турнирот можат да учествуваат: машки екипи на возраст до 14 и над 14 години, како и женски екипи.
Котизацијата за учество изнесува 3 илјади денари, а важи само за екипите од III категорија - на возраст над 16 години.
Пријавите се поднесуваат во Едношалтерската канцеларија во Општина Кочани.
Натпреварувањето е традиционално.
27.06.2013 Граѓаните и правните субјекти на КЈП „Водовод“ на име на потрошена вода и подигнат смет му должат над 220 милиони денари. Повеќе од 168 милиони се долгови што ги имаат граѓаните, додека над 51 милион денари се долгови на фирмите и институциите. Ова е застарен долг и по повеќе од 10 години, истакнаа од претпријатието.
-Побарувањата од граѓаните со датум 31.03.2013 година во КЈП „Водовод„ изнесуваат околу 168 милиони денари. Кај правните лица таа бројка е 51 милион денари. Ваквите износи се акумулирани долги години дури и постари од 10 години, рече Љупчо Папазов, директор на КЈП „Водовод“.
Според Папазов, несовесноста на граѓаните прави претпријатието да се соочува со големи финансиски проблеми.
27.06.2013 Подобрување на условите во училиштата, регулација на речните корита, зголемување на безбедноста во сообраќајот , изградба на нови водоводи и канализациони мрежи, подобрување и оплеменување на просторот за културни дејности, подобрување на условите на спортските терени, на условите во градинките се 7-те области кои ги разработуваа работните групи по одржаната втора форумска сесија во Виница.
Повеќе од 120 граѓани расправаа и предлагаа конкретни идеи за решавање на проблемите со кои се соочуваат во тие области , а кои се поврзани со инфраструктурата како област која беше одредена на првата форумска сесија.
Во секоја област беа понудени по две решенија кои понатаму треба да се конципираат и да се анализираат условите и динамиката на нивното решавање имајќи ја во предвид и неопходната урбанистичка и планска документација со која располага општината по понудените решенија.
27.06.2013 “Музички бранови“ се организира втора година по ред. На фестивалот ќе бидат исполнети 15 композиции од кои 11 се нови со учесници, на возраст од прво до седмо одделение од Кочани и соседните општини. По направените аудиции во училиштата се избраа најдобрите кои ќе учествуваат.
Песните се подготвени од познати и признати композитори - Невенка Данилова, Диме Атанасовски, Мишо Стојанов, Љупчо Ѓорѓиев, Жаклина Јорданова , Митко Димитров и други. Уметнички директор на фестивалот е Сашко Велков, медиумски спонзор “Канал 8“ телевизија, а организатор “Профи медиум“.
Финансиска поддршка фестивалот има од спонзорите - Општина Кочани, Чешиново - Облешево и Виница.
26.06.2013 По направениот увид во изминатите два дена учениците кои сметаат дека се оштетени од резултатите од екстерното тестирање во текот на денот поднесуваа приговори. Најголем број поднесени приговори има во СОУ „Љупчо Сантов“ вкупно 75. Во поголем број од поднесените се основани,со оглед на низата недостатоци и техничките пропусти за време на тестирањето.
Во „Ѓошо Викентиев“ поднесени се 18 приговори. Причината е иста - техничките недостатоци.
Во основните училишта „Малина Попиванова“ и „Крсте Петков Мисирков “нема поднесено ниту еден приговор, а во „Св. Кирил и Методиј“ и „Раде Кратовче“ има само по еден. Во „Св. Кирил и Методиј“ поради отсутност на ученикот, а во „Раде Кратовче“ заради технички пропуст.
26.06.2013 Непочитување на работното време и неовластено влегување и капење во градскиот базен имало во изминатите десетина денови откако започна летната сезона.
Поединци и групи биле забележани дека влегуваат во текот на ноќните часови, но и рано наутро, пред да биде отворен објектот. Прескокнувале преку мрежата и влегувале во водата и покрај предупредувањата од стражарската служба.
Од комуналното претпријатгие „Водовод“ реагираат со писмено соопштение до јавноста во кое потсетуваат дека најстрого се забранува капење во ноќните часови на Градскиот базен, бидејќи во тој период објектот не е обезбеден со спасувачи. Освен тоа, не се вклучени ниту пумпите за филтирање, ниту пак се врши хлорирање на водата. Затоа таа побрзо се загадува и може да има несакани последици по здравјето на луѓето кои неовластено се капат.
26.06.2013 Наноси од земја и камења, заедно со длабоки дупки од надојдените води се вообичаена слика на улицата “Христијан Карпош“ во населбата Оризари.
Жителите од десетината куќи кои живеат овде велат дека немаат мир при секој поголем дожд, затоа што земјениот коловоз се претвора во река, па не можат да излезат од дома. Приморани се сами, со лопати да прават насипи за да не им бидат поплавени дворовите.
- Ова е долгогодишен проблем со кој ние се соочуваме на оваа улица, бидејќи на неа интервенции не се извршени откако е пробиена улицата кај реката. И самите гледате колку има наноси кога има невреме, дури скинав и две гуми на автомобилот. Некогаш се вршат интервенции на другите спорни улици во Оризари, ама оваа улица како да е заборавена, рече Венцо Крстов, жител на улицата “Христијан Карпош“ во Оризари.